Македонија

Владин тим утре на средба со компанијата што ја посочи Мицкоски

06.10.2022 20:37

„Се работи за компанија од Европа и средбата ќе биде надвор од земјава. Јавноста ќе биде информирана на транспарентен начин и во делот на понудата“, соопшти министерот за економија Бектеши...

Македонски владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски утре ќе има средба со компанијата за природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, соопшти вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

„Стапивме во контакт со компаниите кои ни ги посочи господинот Мицкоски. До крајот на оваа недела, во однос на компанијата за гас ќе седнеме заедно со генералниот директор и советникот на премиерот да преговараме за условите, обврските што можеби ги имаат“, истакна Бектеши.

„Утре е закажан состанок со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, јас и советникот на премиерот и ќе разговараме лично. ЕСМ тоа треба да го направи со трговец со природен гас. Количините ги испративме, утре треба да ја добиеме понудата од компанијата. Се работи за компанија од Европа и средбата ќе биде надвор од земјава. Јавноста ќе биде информирана на транспарентен начин и во делот на понудата“, подвлече Бектеши.

Тој додаде дека се блиску до договор со Србија околу размената на гас за електрична енергија.