Македонија

Зголемена опасност од птичји грип

07.10.2022 07:47

Со есенскиот прелет на дивите птици кон југ се зголемува опасноста од ширењето на птичјиот грип, болест која е зооноза и која првенствено ги напаѓа птиците, но не е исклучена и можноста за зараза и заболување кај луѓето. Европските ветеринари забележале дека вирусот бил присутен и во летните месеци...

Болеста е појавена во 37 земји од Европскиот континент. Во претходните години вирусот на птичјиот грип претежно изумирал во текот на летните месеци, но оваа епидемија трае во текот на целата година и полесно се шири меѓу популациите на птиците, велат ветеринарите.

Болеста птичји грип ја има во Западна Русија и Казахстан, од каде птиците преселници, прелетуваат до местата за презимување, во некои делови преку Европскиот континент и нашава земја.

За живината и другите птици, ветеринарите препорачуваат ограничување на движењето надвор од живеалиштата, а одгледувачите треба да внимаваат и да преземат мерки да се спречи евентуален контакт со дивите птици и да не се привлече нивното внимание со давање вода и храна на живината во дворовите.

Промената во здравствената состојба на живината или зголемената смртност задожително треба да се пријави кај ветеринарните власти. Птичјиот грип е зооноза и од неа, првенствено заболуваат птиците, но, можно е да заболат и луѓето.

Болеста предизвикува големи економски загуби во живинарството, а кај птиците кои се чуваат како миленичиња и дивите птици, птичјиот грип предизвикува висока стапка на смртност.

Методија Трајков