Еден стадион – две дербија!

23.04.2014 13:41

Играа во финалето на првиот фудбалски куп во независна Македонија, но никогаш немаа натпревар што најдиректно решава за првенствената титула. И денешниот меѓу Вардар и Пелистер нема да ја прати титулата во Битола или во Скопје, но ако се знае дека пет екипи се во врвот на табелата, дербито на „Филип втори“ секако ќе има големо влијание на шампионските амбиции на двата ривала.

Затоа Вардар не смее да дозволи пораз, а битолчани можат да бидат задоволни и со реми. Ваквите претпоставки се базираат на досегашните резултати. Во најголемото дерби на македонскиот фудбал тимот од „Тумбе кафе“ ќе влезе со предност од два бода во однос на бранителот на тронот. Ремито може да ги остави во рамноправна трка, но може и да им направи услуга на директните конкуренти.

Оттука, вардарци носат поголем психолошки товар, но и поголема поткрепа според традицијата. Од досегашните 37 натпревари, скопскиот тим се радуваше на 22, осум завршија нерешено, а Пелистер победи седумпати. Но во дерби пресметките од овој ранг бројките не мора ништо да значат, а потврда за тоа се двете последни гостувања на битолскиот состав во Скопје. Победа со 1-0 во март минатата година и реми со 1-1 во март во тековното првенство. На првиот сезонски дуел одигран во Битола, триумфираше Вардар со 2-1.

Во 29-тото коло во Првата фудбалска лига на Македонија, Работнички се среќава со Металург, а тоа е уште еден меч на претенденти за трофејот. Другите двојки се: Турново – Ренова, Брегалница – Гостивар, Шкендија – Напредок и Еуромилк – Македонија ЃП.

Двојната домашна фудбалска понуда на Македонската телевизија денеска содржи два натпревара. Од 13 часот на Прва Работнички – Металург и од 18 часот на Собраниски Вардар – Пелистер.