Украина

Бајден: Постои голем ризик од нуклеарна војна

07.10.2022 12:25

Американскиот претседател предупредува од глобална ескалација на војната во Украина. Според него, опасноста од атомска конфронтација со катастрофални последици не била поголема во последните 60 години. Украинската војска продолжува со офанзивата на југот и истокот од земјата. Киев тврди дека Русија за прв пат го нападнала Запорожје со беспилотни летала...

Украинската војска продолжува со офанзивата на југот и истокот од земјата. Киев тврди дека Русија за прв пат го нападнала Запорожје со беспилотни летала. Покрај Украина и Меѓународната агенција за атомска енергија, предупредување и од САД.

„Ризикот од нуклеарна војна е голем“, предупреди челникот на Белата куќа Џо Бајден. Според него, светот се соочува со закана од атомска војна како во Кубанската ракетна криза во 1962 година. Лидерот на Русија, Путин, кој денеска го одбележува својот 70-ти роденден, предупреди дека ќе ги искористи сите неопходни средства, вклучително и нуклеарниот арсенал за да ја заштити руската територија, која, според него, веќе ги вклучува четири украински региони кои тој ги анектираше.

„Само украинските експерти можат да гарантираат дека нема да има радијациски инциденти во станицата. Важно е што слушнавме од директорот на МААЕ дека меѓународната заедница ќе комуницира исклучиво со Украина за централата бидејќи е на украинска територија. Во станицата има околу 500 окупатори, и тоа значи 500 ризици за катастрофа. На светот му е јасно ова“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Белоруските власти, пак, сметаат дека постои ризик од тактички нуклеарен напад од Полска. „Ние немаме сопствено нуклеарно оружје, мора да преземеме соодветни мерки“, изјави претседателот Лукашенко, кој реагираше по коментарот на неговиот полски колега, Дуда за договорот со Американците да го организираат арсеналот во Полска.

Од денеска се активира новиот пакет санкции на ЕУ против Москва. Предвидено е ограничување на цената на руската нафта, забрана за транспорт во трети земји по цена над воведената граница, како и забрана за проширен извоз на стоки. Дополнително се воведува и забраната на граѓаните на ЕУ да извршуваат позиции во раководството на руските државни компании. Новиот пакет е одговор на анексијата на украински територии од страна Кремљ.

Маја С. Филдишев