Правда подготвува ново решение, ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива
Министерството за правда подготвува нов закон за здруженија и фондации. Треба да биде објавен до крајот на месецов. Сдсм ги повика сите партии да се вклучат во процесот, којшто според нив, ќе биде инклузивен. Но, ВМРО-ДПМНЕ во собраниска процедура веќе пушти измени на законот за да се спречат нови провокации со отворање бугарски клубови со провокативни имиња. И додека надлежните тврдат дека и постојната правна рамка нуди опции, опозицијата критикува дека недостига политичка волја.

ВМРО-ДПМНЕ во собраниска процедура пушта измени на Законот за здруженија и фондации. По формирање неколку бугарски клубови и центри во земјава со имиња на контроверзни личности, од опозициската партија велат дека сакаат да спречат ваквата пракса да продолжи, но и да може да се реагира за веќе регистрираните здруженија. „Македонија во Втората светска војна загуби 7144 Евреи, но во последниве години на политичката сцена кај нас и во Бугарија има обиди за ревидирање на историјата и искривување на вистината“, рече пратеничката Мизрахи.
„По, Ванчо Михајлов и Цар Борис III, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар“, изјави Рашела Мизрахи, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ја чека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ги осуди провокациите, укажувајќи на значењето на антифашистичката борба. Оттаму велат дека не поддржуваат отворање клубови со имиња на личности, коишто биле поврзани со третиот рајх. Социјалдемократите ги повикаа сите партии да се вклучат во процесот на носење на новиот Законот за здруженија и фондации, којшто е во подготовка и според Министерството за правда ќе биде објавен до крајот на месецов.
„Ние не поддржуваме провокации, без разлика од која страна и да доаѓаат. Процесот е инклузивен и секој пратеник може да се вклучи во подготовката на Законот што го подготвува Министерството за правда. Треба сите да се стремат, вклучително и на политичките структури кај нас и кај соседот кон соработка, меѓусебно почитување и практикување на европските вредности“, изјави Ненад Коциќ, пратеник од СДСМ.
Министерството за правда посочи дека и постојната правна рамка, со повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако станува збор за организација именувана по одредена контроверзна историска личност, да направат оценка на нејзините програмски определби и дејствија пред да изречат евентуална забрана за упис или за работење.
„Има правни механизми и согласно постоечкиот закон може да се забрани вакво здружение, но нема политичка волја“, изјави Димитар Апасиев, пратеник на „Левица“.
Во земјава досега се отворија неколку вакви бугарски клубови. Надлежните формираа Советодавно тело кое ќе дава мислење за употреба на име на историска и друга позната личност на здружение или друго правно лице, за како што велат од Министерството за правда, да се избегнат злоупотреби.
Мартин Пушевски
