Транспарентност и отвореност во услугите
Граѓаните очекуваат од општините – транспарентност, отчетност и одговорно владеење. Ова се заклучоците од истражувањето спроведено во јули за перцепцијата на луѓето во однос на квалитетот на услугите што ги добивале за време на пандемијата спроведено од Државниот завод за ревизија. Истражувањето покажува дека граѓаните сакаат да бидат вклучени при носењето на одлуките.

Здравствените услуги, затворањето работни места и учењето на далечина – најголеми проблеми со коишто се соочувале граѓаните за време на пандемијата, покажува истражување, направено во јули на повеќе од илјада испитаници од цела држава. Граѓаните се жалат и на урбанистичкото планирање и на тоа што општините не ги консултираат при носењето одлуки.
Наместо да се истураат пари за сервисирање на општинските долгови, потребно е скенирање на изворот на проблемите, предупредува универзитетскиот професор Борче Треновски. Вели, половина од локалните самоуправи се соочуваат со недостиг на човечки кадар, особено во инспекторатите што се рефлектира врз квалитетот на услугите.
Руралните општини имаат за 50% помалку приходи и расходи по глава жител, што значи дека собираат помалку пари, но и даваат помалку услуги. Недоволна е стапката на реализација на капиталните проекти, затоа што од 10 ветени во изборна кампања, светлото на денот го доживуваат само пет. Ова влијае на довербата на граѓаните во системот.
Анита Димитријевска Велковска
