Нова инвестиција во индустриската зона во Прилеп

23.04.2014 14:02

Во индустриската зона во Прилеп веќе се инвестира во нови погони. Поволностите за работа и зголемената побарувачка на странскиот пазар ги прави атрактивни и домашните текстилни фабрики

Стартува со градба нова инвестиција во индустриската зона Прилеп 1. Текстилната компанијата Тритекс започна со градба на нов погон кој ќе се простира на 4.000 метри квадратни и најавува 300 нови вработувања. Сопствениците велат дека пазарот во Европа полека се стабилизира, кризата веќе одминува, а со тоа се зголемува и нарачките.

„Инвестицијата на почетокот ќе биде околу 1 милион евра, без машини. Поради зголемената побараувачка на странските партнери, сакаме да одговориме со зголемување на производството и да одиме напред“, рече Ратко Наумоски, сопственик на Тритекс.

Тритекс моментално има вработено 250 луѓе,  а 85 % од производствотот е лон и го пласираат во Европа, останатиот дел во Македонија и поранешните ЈУ републики. Сопствениците на Тритекс оценуваат дека економијата во Македонија полека тргнува во нагорна линија. Новиот погон ќе профункционирал за 1 година.

„Имаме зголемено побарување за капацитет и ова е одлична можност да ја искористиме за да изградиме една модерна фабрика каде ќе се подобрат сите услови. Полека кризата заминува нарачките се зголемуваат, се зголемува и потребата за работна сила мислам дека текстилот во Македонија се движи во добра насока“, кажа Дејан Наумоски, сопственик на Тритекс.

До сега во индустриската зона Прилеп 1 се продадени 21 локација, а ова е трета компанија која започнува со градба на фабрика. Се очекува во оваа зона, во иднина, да има околу 2.000 нови вработувања, кога ќе се изградат сите фабрики.

Дарко Штаргоски