Почнува градбата на првите две делници од пругата кон Бугарија
Почнува изградбата на првите две железнички делници Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка. Во завршна фаза е документацијата и за тендерската постапка за третата делница до границата со Бугарија. Се очекува до 2027-ма година изграбата на пругата целосно да биде завршена...

До 18-ти месецов фирмите за градба на проектот ќе почнат со работа, а официјалниот почеток ќе биде на 29-ти октомври, најави директорот на Македонски железници инфраструктура, Хари Локвенец. Со тоа ќе почне градбата на првите две делници, од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија подготовката на тендерската документација е во завршна фаза, а почетокот на градбата се очекува да биде кон крајот на 2023 година. Изградбата на целата пруга кон Бугарија се очекува да заврши во 2027 година.
Изградбата на пругата зависи од четири фактори, вели Локвенец. Првиот се паричните средства кои веќе се обезбедени. Вториот е можното постоење на археолошки наоѓалишта и локалитети, за кои македонските институции потврдиле дека не се присутни на трасата. Третиот фактор пак е експропријацијата која според него е целосно завршена. Четврт фактор е квалитетот и посветеноста на фирмите изведувачи и се надеваме дека сме направиле добар избор, вели директорот на железничката инфраструктура.
Марија Котовска
