Коцарев: Мала е веројатноста во следните 30 години да станеме членка на ЕУ
За Македонија е погубно тоа што носители на општествени функции, регулирањето на македонски прашања поврзани со идентитетот и историјата им го оставија на надворешните фактори – оценува првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев на одбележувањето на 55-годишнината од основањето на институцијата...

Македонските политичари создадоа хиперреалност која стана вистина сама по себе и која опстојува во мислите на грст недостоинственици, властодршци кои се нарекуваат политичари-рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев по повод одбележувањето на 55-годишнината од основањето на институцијата. Според него тоа создаде конфузија посебно кај младите, што може да значи почеток на крајното разнебитување на Македонија. За Македонија е погубно тоа што одредени лица како носители на општествени функции поради лични и партиски интереси, регулирањето на македонски прашања поврзани со идентитетот и историјата им го оставија на надворешните фактори-оценува првиот човек на МАНУ.
Договорите со Грција и Бугарија, според него се нелегални, неуставни и понижувачки. „Кога се пристапува кон потпишување на вакви договори, -вели Коцарев-„мораше да има некаков облик на покајание од сите договорени страни кои децении вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и јазик
„Прашањето е, дали ќе биде возможно во догледно време помирување за различното толкување на историјата на Балканот. Моето мислење е дека нема афирмативен одговор. Тие што претрпеа незамислива штета во минатото во однос на оние кои учествува во процесот на помирување се во подредена положба. Само оние кои погрешно се нарекуваат политичари се слепи и глуви дека со склучувањето на договорите и исполнувањето на договорите со Грција и Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава“ рече Коцарев.
Треба да се соочиме со реалноста дека Македонија во следниве 30 години да стане рамноправна членка е многу мала, смета Коцарев. Според него ексклузивното друштво на држави нема потреба од нови членки со право на вето.
Бесперспективната политика граѓаните им го направи животот неподнослив, вели претседателот на МАНУ. Коцарев, со порака до, како што ги нарече политичарите без интегритет, да престанат да се занимаваат со политика и да им дадат можност на луѓето кои навистина сакаат да работат во интерес на државата.
„Предлагам да се донесе закон за развој на Македонија, во кој ќе им се одземат ингеренциите на министерствата да изготвуваат стратегии. Стратегиите да ги изработуваат МАНУ и Универзитетите, стопанските комори, но не политичките и владејачките елити затоа што тоа претставува конфликт на интерес. Министерствата ќе бидат обврзани да ги имплементираат стратегиите. Потребно е слабеење на позициите на извршната власт и на администрацијата“, рече Коцарев.
Според него, во земјава долго време прашањата за владеење на правото се подложени на политички толкувања и договори, а таков пример е и пописот. Првиот човек на МАНУ смета дека во ваква ситуација, залудни се обидите за надминување на национализмот, а јазот се продлабочува.
Марина Стојанова Тонева
