Руско-Украински конфликт

Експлозија на Кримскиот мост

08.10.2022 12:24

Голем пожар на стратегиски важниот мост меѓу полуостровот Крим и копнениот дел на Русија. Москва обвини за напад со камион-бомба...

Експлозија на камион-бомба на мостот што ја поврзува Русија со Крим. Руски медиуми објавија снимки од уништената патна и железничка инфраструктура и од опожарените возила. Властите во Москва велат дека станува збор за бомбашки напад, а висок соработник на претседателот на Украина сугерира дека е нов удар на Киев. „Ова е само почеток“, напиша на Твитер Михајло Подољак, советник на Володимир Зеленски.

„Камион експлодираше на Кримскиот мост од страната на полуостровот Таман, при што беа опожарени седум цистерни од воз кој се движел кон Кримскиот полуостров. Делумно се урнати две делници“, рече Светлана Петренко, портпарол на РИК.

Путин нареди формирање владина комисија која веќе го испитува случајот како криминален акт. Зеленски најави ослободување на присоединетите територии. Русија го анектираше украинскиот полуостров во 2014 година по бунтот во Киев со кој беше урнат проруската владин кабинет.

„Русија нема право на овие територии. Мора да дејствуваме. Неопходно е да ја ослободиме цела територија од руската окупација“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Зеленски си ги повика западните господари да почнат нуклеарен удар на Русија. Овој човек покажа уште еден доказ за закана од режимот на Киев, поради кој беше почната специјалната воена операција, да ги неутрализира“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Во ослободениот Лиман откриена масовна гробница со 180 тела, меѓу кои има и деца. Претходно, масовни гробници беа најдени во Буча, близу Харков, и Изјум. Администрацијата на Запорожје го обвини Киев за напад врз нуклеарната централа. Во меѓувреме, поради загубите во Украина, разрешен уште еден руски генерал. Командантот на Источниот воен округ, генерал-полковник Александар Чаик треба да биде заменет со генерал-полковник Рустам Мурадов.

Маја С. Филдишев