Стопанствениците бараат поддршка од државата за да ја пребродат кризата
Поради високите цени на електричната енергија македонските компании стануваат неконкурентни на странските пазари. Поради тоа стопанствениците бараат од државата по примерот на земјите од регионот да овозможи купување на струја на регулиран пазар. Исто така тие очекуваат поедноставување на процедурите за поставување на фотоволтаици со што ќе се намалат трошоците, што ќе придонесе да нема отпуштање на работници...

Драстичното зголемување на цените на струјата негативно влијае и врз автомобилската индустрија во земјава, иако далеку помалку во споредба со другите сектори, бидејќи нивните објекти се нови и енергетски ефикасни. Сепак за да се зголеми конкурентноста и профитабилноста компаниите очекуваат државата да ги поедностави процедурите за поставување на фотоволтаици и продажба на вишоците на струја на слободниот пазар.
„Чекаме да видиме кои ќе бидат мерките од страна на владата понудени за поддршка кон индустријата, бидејќи гледаме дека досега најголем број на мерките се за поддршка кон крајните потрошувачи-домаќинствата и некои мали микрокомпании. Но, големата индустрија и конкурентноста на големата индустрија визави земјите во регионот каде што има регулирани цени на струја од различна вредност се многу пониски од она што ние сега ја плаќаме е неопходна“, рече Виктор Мизо, менаџер на автомобилска компанија.
И покрај кризата Мизо вели дека во наредните три години германската компанија што ја раководи и која досега во Охрид инвестирала 100 милиони евра ќе го прошири производството и ќе отвори нови 300 работни места.
„Во следните две години ќе навлеземе во еден нов претциклус на инвестициска фаза каде што во следните две, две и пол години би инвестирале околу 50 милиони евра. Пред сè тоа ќе биде за систем за енергетска електроника за фолксфаген,но и за дополнителни проекти за мерцедес, што значи дека обемот на производство од тие проекти во период од 2024 до 2030-та ќе биде од над милијарда и 100 милиони евра“, рече Виктор Мизо, менаџер на автомобилска компанија.
Дека состојбата во стопанството, особено кај поголемите потрошувачи на електрична енергија е повеќе од сериозна говори најавата дека некои од нив најавија дека доколку државата не им помогне ќе испуштат половина од вработените.
Сашо Нелоски
