Политика

Премиерот го осуди отворањето на „Цар Борис Трети“

08.10.2022 17:06

Македонски граѓани го отворија бугарскиот клуб со провокативното име во Охрид, оцени премиерот Ковачевски. Според него, осудата на Владата и на СДСМ е неспорна, но и ставот дека некому не му одговараат добрите односи со соседна Бугарија. При денешниот настап тврди и дека владејачката коалиција е стабилна, најави и нов енергетски капацитет в понеделник...

Го осудува отворањето на клубот со името „Цар Борис Трети, но Ковачевски вели и дека треба да бидеме свесни-клубот го отвориле наши македонски сограѓани кои не се засегнати за чувствата на оние кои имаат резерви кон името. И доколку се реагира, тогаш тоа треба да биде спрема тие граѓани, додаде Ковачевски

Тој додаде дека Законот за здруженија е многу либерален и треба час поскоро да се донесе нов за што ги повика сите партии и здруженија, особено еврејската заедница активно да учествуваат во овој процес. Одговорајќи пак, за политичката состојба во владината коалиција апропо превирањата во ДУИ, премиерот рече дека владејачкото мнозинство е стабилно.

Во однос на економската криза и состојбата со грејната сезона, Ковачевски тврди – в понеделник ќе биде пуштен во употреба уште еден производствен енергетски капацитет. Тој верува дека во неговиот мандат ќе има скоро еднакво инсталирана моќност на нови производствени капацитети на електрична енергија со инсталираните во последните 30 години. До понеделник ќе се финализираат и мерките за најранливите категории, а скопјани ќе имаат парно, додаде Ковачевски.

Фиљана Кока