Руско-Украински конфликт

Кримскиот мост повторно во функција

09.10.2022 12:36

Руски нуркачи ја прегледуваат штетата од силната експлозија на Кримскиот мост. Ново бомбардирање на Запорожје, има загинати. Жестоки битки за важниот источен град Бахмут, објави Зеленски...

Зголемено обезбедувањето на Кримскиот мост по експлозијата во која имаше жртви и голема материјална штета. По поправката на уништените делници, сообраќајот почна да се одвива со ограничен обем.

„Вршиме надзор, се договоривме околу обемот на поправки на втората лента. Нарачан е металот, формиравме и тим на градежници и дизајнери“, изјави Марат Куснулин, вицепремиер на Русија.

„Воопшто не ми се допаѓа ова. На пат кон дома сум.“

„Зошто би се грижел, каде сме? Во Русија. За што би се грижеле? Се е добро, во градот е мирно.“

Претседателот на Украина со необична метафора ја коментира веста на денот.

„Денов беше сончев за нашата земја, во поголемиот дел беше околу 20 степени и сончево. За жал, на Крим беше облачно иако и таму е топло. Но, колку и да е облачно, Украинците знаат што треба да прават, и знаат дека иднината им е светла“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Руските медиуми информираа дека камионот бил во сопственост на нивен државјанин идентификуван како 26-годишниот Самир Јусубов кој е надвор од земјата. Возилото било управувано од неговиот чичко кој работел во транспортна компанија и добивал нарачки преку веб-страница. Според медиумите, возачот веројатно не знаел дека во камионот превезувал и експлозив.

Битките на југоисточниот фронт не стивнуваат. Украинската страна ги обвини непријателските сили за гранатирање на станбени згради во Запорожје. Во нападот има жртви. Повторно е загрозена работата на нуклеарната централа којашто го загуби последниот надворешен извор на електрична енергија и оперира на дизел агрегати. Меѓународната агенција за атомска енергија ја потврди дека биле исклучени сите шест реактори. Инженерите вршат поправки на генераторите, а според Агенцијата, секој од нив има доволно гориво за најмалку 10 дена.

Жестоки борби и за градот Бахмут, важен стратегиски центар, што Русија сака да го освои. Москва предупреди – Западот ќе ја мине црвената линија доколку му испорача далекусежно оружје. Минск и натаму уверен дека Украина подготвува ракетен напад врз Белорусија, но Киев демантира.

Маја С. Филдишев