Венецуела

Загинати и исчезнати во свлечиште

10.10.2022 10:30

Најмалку 25 лица загинаа, а 52 се водат како исчезнати откако коритата на пет мали реки во централна Венецуела се поплавија поради обилните дождови, предизвикувајќи лизгање на земјиштето …

Десетици луѓе загинаа, а над 50 се исчезнати по лизгање на земјиштето, предизвикано од поројните дождови во индустрискиот град Лас Техеријас во Венецуела. Уништени се населби, деловни објекти и куќи. Жителите сведочат дека за само неколку секунди планината се урнала врз нив.

„Врнеше 4 часа. Водата се излеваше од горе. Веќе нема куќи. Свлечиштето однесе неколку семејства таму горе, исчезнати се многу“, рече Кармен Тереза Чиринос.

„Толку многу семејства ги загубија своите домови. Јас ја загубив пицеријата и бизнисот. Сега немам ништо“, рече Луис Фуентес, продавач.

Штетите се огромни. Се собираат остатоци од покуќнината. Спасувачките тимови го пребаруваат теренот. За оние што ги загубија домовите, се подигаат прифатилишта.

„Од вчера сме на терен откако добивме информација за излевање на реката. Вршиме процена на погодените домови, бројот на засегнати луѓе, правиме шеми за пребарување и лоцирање на преживеаните“, изјави Евер Целис, шеф на операции за пребарување и спасување.

На терен и тешката механизација. Се отстрануваат остатоците за да се расчистат патиштата и да се обноват услугите за електрична енергија и вода. Од почетокот на годината во Венецуела има натпросечни врнежи, поради временскиот феномен Ла Ниња, кој предизвикува заладување на делови од површинските води на Пацификот.

Бојана Крстевски