Сивус бара 400 програмери

23.04.2014 16:22

Најголемата софтверска компанија во земјава објави дека продолжува со експанзија и најави поголем развој на ИТ индустријата во државава...

Нови 400 ИТ специјалисти ќе вработи Сивус. Најголемата софтверска компанија во земјава објави дека продолжува со експанзија и најави поголем развој на ИТ индустријата во државава.
 
Веќе се таргетирани осум градови каде според Сивус, има потенцијал за ИТ кадри. Регрутација ќе се врши во  Гостивар, Тетово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Радовиш, Делчево и Пробиштип.
 
„Со ова Сивус  се вбројува во една од ретките компании во државата кои придонесуваат кон развојот на помалите градови, инвестирајќи во развојот на домашните IT специјалисти низ целата земја“, стои во соопштението од компанијата.
 
На почетокот од годинава, Сивус отвори канцеларија во Охрид, а веќе три години успешно функционира и канцеларијата во Битола.
 
Новите вработувања се дел од стратегијата за експанзија на софтверската компанија во поширокиот регион на Југоисточна Европа во кој веќе функционираат канцелариите во Белград, Ниш и Крагуевац.
 
Сивус е компанија за развој на софтвер и консалтинг услуги која вработува преку 500 IT експерти ширум светот, а го покрива европскиот и американскиот пазар преку неколку канцеларии и претставништва во светот.
 
Соња Јованова Наумовска