Нова 17 мегаватна соларна електрана
Стартуваше со работа 17-мегаватната соларна електрана во Амзабегово, светиниколско, кумулативно најголемиот фотоволтаик во земјава. Номиналната моќност е од 10, 5 и 2 мегавати. Оценета е како една од најзначајните инвестиции во енергетиката во земјава. Се справуваме со енергетската криза, рече премиерот Ковачевски...

Струја за 5.500 домаќинства ќе се обезбедува од соларната електрана со капацитет од 17 мегавати во светиниколско. 17- те мегавати соларна енергија веќе се доставуваат низ мрежата. Овој капацитет е најголема соларна електрана во Македонија и пресвртница во зелената трансформација на регионот, вели Игор Коприварник, претседател на Управниот одбор на групацијата ГЕНИ чија инвестиција е проектот.
Инвестицијата е огромн чекор во насока на остварување на владините амбиции за обезбедување електрична енергија и обновливи извори на енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски. Посочи и дека групацијата ГЕНИ платила 2,7 милиони евра во државниот буџет преку концептот за иновативно партнрство, а за возврат добила земјиште на користење од 50 години.
Со оваа инвестиција добиени се дополнителни 17 мегавати колку што е направено изминатите 30 години во државата, истакна ресорниот министер Бектеши.
Централата е поврзана на мрежата четири месеци пред предвидениот рок.
Марија Котовска
