Трпчески, Петренко и Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон одушевија и во Загреб
Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, кого хрватскиот печат го нарекува еден од најбараните пијанисти на денешницата, деновиве е солист на турнејата на Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон, во чии рамки синоќа блесна и на големата сцена на „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Воодушевената загрепска публика Трпчески и оркестарот ја наградија со по две изведби на бис....

Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, кого хрватскиот печат го нарекува еден од најбараните пијанисти на денешницата, деновиве е солист на турнејата на Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон, во чии рамки синоќа блесна и на големата сцена на „Ватрослав Лисински“ во Загреб.
Ова се деби концерти на Трпчески со овој реномиран светски оркестар што минатата година одбележа 75 години постоење. Од „ Ватрослав Лисински“ настанот го најавија како „концерт на годината“. Воодушевената загрепска публика Трпчески и оркестарот ја наградија со по две изведби на бис.
На турнејата што започна на 2-ри октомври во „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон, а продолжи во петокот во Братислава, Словачка, Трпчески учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар во а-мол, опус 16 од Едвард Григ. Диригентската палка му е доверена на уметничкиот директор на Оркестарот, маестро Василиј Петренко, со кој нашиот пијанист има долгогодишна соработка, додека британскиот печат ги нарекува „тим од соништата“.
Турнејата на Кралскиот филхармониски оркестар со Трпчески и Петренко вчеравечер продолжи во Вроцлав, Полска, за на 12-ти октомври да заврши во Каунас, Литванија. Нашиот пијанист своите концертни настапи до крајот на месецов ги продолжува во Романија, Ирска и САД.
