Протест на здружението „Лејса Украина“ пред руската амбасада во Скопје
Здружението на Украинци во земјата, „Лејса Украина“ попладнево протестираше пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје во знак на револт по денешните руски ракетни напади врз неколку локации во Украина. Тие порачаа дека ваквите напади уште повеќе ја челичат украинската нација...

Здружението на Украинци во земјата, „Лејса Украина“ попладнево протестираше пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје во знак на револт по денешните руски ракетни напади врз неколку локации во Украина.
„Тука сме да ви кажеме дека со тоа што го направивте денеска, со ваков терористички чин, се убивате сами себе, ја туркате својата земја кон изолација, сиромаштија и ја уназадувате. Овие ракети што денеска го убија невооруженото население во Украина, исто така, ги убиваат и вашите идни генерации, порачаа од здружението „Лејса Украина.
Испатија порака дека ваквите напади уште повеќе ја челичат украинската нација и упатија благодарност до македонската Влада за воената помош и побараа таа да не престане, туку да се засили се до целосно ослободување на Украина.
Утрово врз неколку градови во Украина беа истрелани најмалку 75 проектили, од кои 41 биле соборени од воздушната одбрана на Украина. Најмалку 11 лица загинаа, а 64 се повредени во руските воздушни напади.
Руските воздушни напади врз Украина денеска ги осудија и претставниците на Европската Унија, НАТО и Советот на Европа, како и дел од лидерите на европските држави и САД.
