Воен конфликт

Продолжува размената на огнот

11.10.2022 12:13

Украина и Русија продолжуваат со размена на огнот. Запорожје повторно на удар. За најновата ескалација седници во Генералното собрание на Обединетите нации и на групата Г7. Западот ветува дополнителна помош за Киев. Проруската група „Килнет“ хакираше веб-страници на американски аеродроми...

Повторно се огласија сирените за тревога во Украина. Нови напади во Запорожје, има жртва. Со 12 проектили е погодена цивилнатa инфраструктура, на удар се и електрани. Снабдувањето со електрична енергија е прекинато на над 300 локации.

„Не може да ја заплашите Украина. Сега сме пообединети. Не може да не запрете, поубедени сме дека терористите мора да бидат неутрализирани“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Жртви и значителна материјална штета претрпе и инфраструктурата во Киев. Градоначалникот Кличко во посета на истоимениот мост кој беше цел на напад по експлозијата на Кримскиот мост. На почетокот на неделава над Украина беа истрелани над 80 руски проектили на различни локации за кои претседателот Путин изјави дека се одмазда за, како што вели, „тероризмот на киевскиот режим кој се осмелил да го урне стратегискиот мост на полуостровот“.

„Конфликтот е опасен, ниедна страна не може да си дозволи да изгуби. Тоа значи дека постојат ризици за ескалација, но и дека барем во теорија, под одредени околности, ескалацијата може да стигне и до ниво на нуклеарна војна“, рече Андреј Кртунов, политички аналитичар, Русија.

„Не требаше да го разнесат мостот, тоа им беше голема грешка. Не поддржувам гранатирање на цивили, но моравме да одговориме.“

„Ова е многу лошо за Украина, жал ми е за нив. Не знам што да кажам, ужасно е.“

На вонредната седница на Генералното собрание на ОН, официјален Киев побара осуда за руската анексија на украинските делови во кои беше одржан референдум. Расправата почна вчера, но поради големиот број говорници може да се одолговлечи до четврток кога се очекува гласањето за резолуцијата.

„Зад руската делегација кога влегува во Генералното собрание останува трага од крв, а салата е исполнета со мирис на изгорено човечко месо. Тоа е она што го толериравме во Сирија, и тоа е она што се случува денес во Украина“, рече Сергеј Кислицја, амбасадор на Украина при ОН.

„Доказ за тоа дека режимот на Киев може да прави што сака е саботажата на Кримскиот мост. Предупредивме дека ова нема да им мине неказнето“, рече Василија Небензја, амбасадор на Русија при ОН.

Во меѓувреме, проруски хакери онеспособија веб-страници на американски аеродроми во Чикаго, Лос Анџелес, Атланта и Њујорк. Групата позната како „Килнет“ минатата недела изврши кибернетички напад врз веб-страницата на американската Влада.

Маја С. Филдишев