Честитки по повод 11 Октомври
„Денес, 81 година после почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија.“ Ова е дел од пораката на Претседателот Пендаровски во која го честита 11 Октомври. Во неа меѓу другото стои...

„11 Октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава.“, се вели во честитката.
Претседателот положи цвеќе пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред платото на Владата, каде што повеќе делегации оддадоа почит. Вицепремиерката Грковска беше прашана за лошиот изглед на местото каде што се случуваше церемонијата и општата негрижа за спомениците, а таа рече дека за јавното добро треба сите да се грижиме. Како претставник на Владата, таа се заблагодари на сите борци во антифашистичката борба.
„Општонародната борба не познаваше никакви разлики, ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова основа. Партизаните обединети, рамо до рамо се изборија за остварување на сонот на сите наши предци за слободна независна македонска држава“, изјави Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење.
Честитка во која фокусот се става на сплотеноста, за денот упати и спикерот на Собранието, Талат Џафери. Во неа вели дека треба да ја дадеме институционалната, политичката и материјалната поддршка како држава и како граѓани во ова несигурно време.
Првиот опозиционер Мицкоски рече дека борбата за Македонија никогаш на престанува.
„Да го честитам овој голем македонски ден, а тоа е почетокот на борбата на македонскиот народ за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна. И не треба на тоа да гледаме онака како што власта не тера да гледаме, туку треба да гледаме онака како што е вистината, а вистината е дека за време на Втората светска војна бугарските фашисти извршиле злостор на територијата на денешна Македонија, а македонскиот народ се обединил и го поразил тој злостор“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Честитки за празникот упатија и други лидери на партиите, здруженија и организации.
Катерина Топалова
