Власта и опозицијата со различни видувања околу антикризните мерки
Власта и опозицијата со различни видувања на ефектите од новиот пакет мерки за справување со кризата. За едни навремени, за другите задоцнети и недоволни. Првиот финансиер тврди-секој чекор кој го преземаме во борбата против оваа економска криза е добро осмислен. Според него, очекувано е да се наиде на отпор и негодување…

За едни навремени, за другите задоцнети и недоволни. Власта и опозицијата со различна диоптрија гледаат на ефектите од новиот пакет мерки за справување со кризата. Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, на граѓаните може да им се помогне и за тоа да се најдат пари, ако функционерите од власта престанат да крадат. Тој предлага – вишокот произведена струја од ЕСМ да се намени за домашните индустриски капацитети, како и да се промени Законот за работа во недела – со ова вели, фирмите ќе работат во ден кога има евтина тарифа, а слободен ден за вработените ќе биде друг. Тој не смета дека е добар предлогот за кратење на платите коишто отскокнуваат од просекот.
Но, првиот човек на СДСМ и претседател на Владата, Димитар Ковачевски на партиски настан рече дека мерките се и навремени и ефикасни.
Последниот пакет мерки е тежок 360 милиони евра и е наменет за најранливите категории – посочи првиот финансиер Бесими. Ќе има пари и за поддршка на јавните и здравствените установи, за ликвидноста на компаниите, за инвестиции во обновливи извори на енергија.
„Економските политики кои ги води оваа Влада се претпазливи и аналитични. Секој чекор кој го преземаме во борбата против оваа економска криза е добро осмислен, неговите тековни ефекти, но и среднорочните и долгорочните последици. Во кризни времиња, со голем број на засегнати страни, очекувано е да се наиде на отпор и негодување“, рече Бесими.
Бесими вели дека пакетот мерки има три компоненти: заштита на најранливите категории, фискална одржливост и спроведување реформи за забрзан економски раст.
Марина Т. Стојанова
