Премиера на оскаровецот „Summer of Soul“ како вовед на 41. Скопски џез фестивал
Овој филм е филмско деби на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кој во исто време е всушност и музички филм и историски запис, посветен на еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода.

Вечерва со почеток во 20 часот во Кино Фросина во рамки на фестивалската „програма-плус“ на 41. Скопски џез фестивал, премиерно ќе биде прикажан музичкиот документарец „Summer of Soul“.
Овој филм е филмско деби на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кој во исто време е всушност и музички филм и историски запис, посветен на еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода. Се работи за снимка направена во 1969 година во текот на 6 недели кога на само сто милји од познатиот Вудсток беше одржан The Harlem Cultural Festival во паркот „Маунт Морис“ кој сега се вика „Маркус Гарви“. Снимката беше одамна заборавена – сè до појавата на филмот „Summer of Soul“. Во неа се документирани концерти на Стиви Вондер, Нина Симон, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Махалија Џексон, Би Би Кинг, The 5th Dimension и многу други. Со овој филм се потенцира улогата и важноста на историјата за духовната благосостојба и исцелителната моќ на музиката во време на немири. Филмот „Summer of Soul“ е добитник на голем број награди како и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм.
Проекцијата на филмот „Summer of Soul“ се случува во превечерието на 41. издание на Скопскиот џез фестивал кој стартува утре со концертот на Rob Mazurek Exploding Star Orchestra with Fame’s Chamber Orchestra.
