Ставрески: Дрекселмаер најави уште 600 нови вработувања
23.04.2014 16:11
Ставрески посочи дека Дрекселмаер е синоним на успехот на Владата на РМ во привлекување на инвестиции. Компанијата е најголемиот работодавач во Македонија со 4.040 вработени досега.

Нови 600 вработувања ќе отвори Дрекселмаер во Кавадарци. Ова ветување денеска раководството на фабриката му го даде на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој ја посети оваа најголема странска инвестиција во Македонија.
Со раководството имавме разговори и за следниот период планираат да има уште 500 до 600 нови вработувања. Тоа е добро бидејки значи дека за овој регион тука и пошироко, вклучувајки го и Прилеп ќе има нови вработувања и ќе овозможат сите кои бараат работа од Кавадарци , Неготино, Прилеп па и од Велес да најдат работа. На тој начин ќе помогнеме да се подобри нивниот животен стандард - вели Ставрески.
Ставрески посочи дека Дрекселмаер е синоним на успехот на Владата на РМ во привлекување на инвестиции. Компанијата е најголемиот работодавач во Македонија со 4.040 вработени досега.
Имам можност да видам многу млади луѓе кои што нашле работа тука, кои со оваа поддршка што владата ја даде за инвеститорот успеаа да најдат работно место и да ја обезбедат сопствената иднина. Тоа е показател за успешноста на владините политики за привлекување на странски инвестиции - вели Ставрески.
Ставрески истакна дека ќе се продолжи со владините политики за привлекување странски инвестиции и дека најмалку уште 30 компании како Дрекселмаер ќе влезат во земјава. Со тоа, како што рече Ставрески, ќе се отворат 10.000 нови работни места само во слободните и индустриските зони, што ќе резултира со подобрување на животниот стандард на граѓаните.
