Руско - украински конфликт

Експлозии во неколку украински градови

12.10.2022 12:54

Битките на фронтот продолжуваат. Руската федерална служба за безбедност уапси осум лица осомничени за нападот врз Кримскиот мост. Нуклеарната централа во Запорожје повторно без електрична енергија...

Осуммина приведени поради нападот врз Кримскиот мост. Меѓу нив се државјани на Русија, Украина и на Ерменија. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) ја обвини Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина. Објавена е и снимка од наводна подготовка на нападот. Според нив, експлозивната направа била камуфлирана во ролни полиетиленска фолија, а на почетокот на август била испратена од Одеса во Русе, Бугарија. Официјален Киев ги отфрла обвинувањата од руската страна.

Битките на фронтот продолжуваат. Експлозии во повеќе градови, вклучувајќи ги и Запорожје и Херсон. Тревога за воздушен напад и во главниот град. Украина од САД доби уште четири системи Химарс

„Путин погрешно ја процени ситуацијата во Украина“, изјави шефот на Белата куќа Бајден.

На вонредниот состанок, Г-7 побара одговорност за нападите на руската војска која претрпе серија неуспеси во североисточна, источна и јужна Украина.

„Не може да водиме дијалог со лидерот на Русија, која нема иднина. Самиот тој одби дијалог. И покрај сите напори за мировни преговори со години! Тој комуницира со ултиматуми, се однесува со терор кон светот, кон другите луѓе“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

На вчерашната средба со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Гроси, во Санкт Петербург, Путин изрази подготвеност за дијалог околу ситуацијата со нуклеарната централа во Запорожје.

„Постојат елементи на опасна политизација на сè што е поврзано со нуклеарната активност. Се надеваме дека со вашите напори ќе успееме да ја намалиме реториката, да ја нормализираме повторно оваа сфера на нашата активност и соработката и покрај сите турбуленции и сложени процеси на светската сцена“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

„Имаме проблеми со нуклеарната безбедност, особено со централата во Запорожје. Како што знаете, јас правам напори за да се избегне нуклеарна несреќа која би била катастрофална за сите, особено за регионот“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.

Гроси предупреди дека централата по втор пат останала без струја во период од пет дена. Според процената на украинскиот енергетски сектор, руските ракети оштетиле 30% од државната енергетска инфраструктура.

Маја С. Филдишев