Европската комисија го објави извештајот за напредокот на земјава
„Северна Македонија направи стабилен прогрес во имплементација на еу-реформите, но земјата мора да го искористи скрининг-процесот и да ги забрза“ – евркомесарот Вархеји го презентира извештајот за напредокот...

„Умерено подготвени според речиси сите критериуми“, еврокомесарот Вархеји и известителот за земјава Ќучук, реферираа пред Комитетот за надворешна политика во Европскиот парламент и го претставија извештајот за напредокот. Еврокомесарот пред пратениците рече дека многу добар напредок има во усогласеноста на државата со европската надворешна и безбедносна политика, како и во економските критериуми, но законите треба да се спроведуваат. Се доцни со решенијата за административните службеници и за вработените во јавниот сектор. Во извештајот се посочува дека се направени реформи во службите за безбедност, но дека треба да се зајакне парламентарниот надзор врз работата на тајните служби.
„Северна Македонија покажа одлучност и направи континуиран напредок во спроведување на европските реформи. Но земјата мора да го забрза процесот и користејќи го скринингот да постигне целосен потенцијал за забрзување на спроведувањето на реформите. Борбата против корупцијата мора да продолжи. Натамошни напори се потребни во областа на реформа на јавната администрација. Северна Македонија направи многу добар напредок во приближување кон европската надворешна и одбранбена политика и сега целосно е во согласност со европските ставови и изјави по почетокот на војната во Украина. Со ова северна Македонија покажа одлучност да забрза на патот кон ЕУ како доверлив партнер“, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Известителот Ќјучук истакна дека земјата и Албанија конечно заслужено почнале преговори и дека е потребна побрза интеграција во ЕУ.
„Кај северна Македонија конечно имаме стабилен процес на приближување кон ЕУ со почнување на скринингот на внатрешните состојби. Добро е што повеќе не ги држиме како заложници северна Македонија и Албанија како резултат на нашите внатрешни дебати во и надвор од Европската унија“, изјави Илхан Ќучук, известувач за Северна Македонија.
Еврокомесарот за проширување Вархеји, посочи дека Македонија и Србија се придружиле на европската политичка заедница во однос на справување со енергетската и економската криза.
Ирина Гелевска
