Вардар уште два чекора подалеку од круната, Пелистер се уште се надева
Пелистер дојде во Скопје да не прими гол и сосема заслужено избори реми 0-0 на „Филип Втори“, останувајќи непоразен и на третото последовно гостување кај Вардар.

Актуелниот шампион се оддалечи од одбрана на титулата, иако и натаму математички е само четири бода зад водечките Работнички и Металург, а два бода зад Пелистер и Турново.
Второто дерби од 29.коло во домашното фудбалско првенство на нашиот најголем стадион донесе скромна претстава, во којашто Вардар јалово се мачеше да ја пробие цврстата и сигурна одбрана на Пелистер. Без стонастотна можност за погодок, со еден удар на Ивановски од дваесетина метри во првото полувреме и потоа со уште само неколку полушанси преку Гроздановски, Петров и Георгиев во продолжението, екипата на рускиот тренер Сергеј Андреев уште еднаш ги разочара најверните навивачи, коишто сепак во делумен број се појавија на западната трибина.
Малку недостигаше како и пред дванаесет месеци „пелистерци“ да се радуваат на три бода против Вардар среде Скопје. Во финишот на првиот дел Миленковски од идеална позиција пропушти да го матира Захов и наместо тоа неуспешно проигра со Воденичаров, а пред самиот крај на мечот Анастасов ја прокоцка најдобрата шанса шутирајќи над голот по брзиот контранапад во негова „режија“.
Резултати од 29.коло:
Работнички-Металург 1-2
Вардар-Пелистер 0-0
Турново-Ренова 1-1
Шкендија-Напредок 4-0
Брегалница-Гостивар 3-0
Еуромилк-Македонија ЃП 3-1
Табела
1.Работнички 53
2.Металург 53
3.Турново 51
4.Пелистер 51
5.Вардар 49
6.Шкендија 45
7.Брегалница 42
8.Ренова 37
9.Еуромилк 35
10.Македонија ЃП 26
11.Напредок 14
12.Гостивар 14
