Путин и Ердоган на средба за можни нови преговори со Украина
Во Генералното собрание на Светската организација, осудена руската анексија на делови од Украина. Анкара можен посредник во дијалогот меѓу Русија и Западот. Продолжуваат руските ракетни напади врз украински градови...

Со огромно мнозинство во Генералното собрание на Светската организација, осудена руската анексија на делови од Украина. 143 земји гласаа за резолуцијата со која се прогласуваат неважечки припојувањата на Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон кон Русија. Од Кремљ побарано да се поништи анексијата. Против гласале 5 земји, 35 биле воздржани.
„По лажните референдуми во Русија и обидите за нелегални анексии, видовте многу малку земји кои останаа со нив. Ги слушнавте лагите на Русија пред генералното собрание и сите застанавме против нив. Со гласање покажа дека во очите на светот и обединетите нации, границите на Украина остануваат исти“, изјави Линда Томас-Гринфилд, претставник на САД во ОН.
Зрак надеж за нови преговори за завршување на војната во Украина е средбата Путин – Ердоган. Од Кремљ признаваа сакаат да ги слушни новите идеи на Анкара за постигнување мир. Турскиот и рускиот претседател се сретнаа на маргините на азискиот самит во Казахстан.
„Сите ние ги чувствуваме ефектите од кризата во Украина на регионално и на глобално ниво. Секогаш велам дека праведен мир може да се воспостави со дипломатија, дека нема победници во војна и нема губитници во правичен мир“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Бидејќи нашите проблеми се заемни, мораме да бараме и да најдеме решение со заедничка мудрост. Исто како и Турција, многу ги цениме мислењата на нашите пријатели и покажуваме чувствителност во споделувањето на нашата мудрост и искуство“, изјави претседателот на руската федерација, Владимир Путин.
А, на фронтот не прекинуваат ужасите на војната. Руските проектили насочени кон 40-тина украински градови и населени. Во Миколаев погодена станбена зграда. Спасувачки екипи се обидуваат да ги извлечат преживеаните. Со експлозивни дронови биле гранатирани и населени места во близина на Киев, соопштуваат украинските власти. Руските проектили срамниле со земја околу 30-тина станбени згради, приватни куќи, далноводи и гасоводи во градот Никопол. Над 2 илјади семејства се без електрична енергија, јавуваат локалните власти.
Маја Стојанова
