Синдикатите не дозволуваат кршење на колективните договори
Вицепремиерот Битиќи се огласи за документот што го објавија претставници на УПОЗ, по вчерашниот Економски совет. Вели-препораките за штедење се совети и не се насочени кон синдикатот или кон некој лично. Според УПОЗ, нејасно е како Владата носи препораки со кои се намалуваат права од колективни договори, без притоа да се консултираат и да бидат известени синдикатите...

Со владините мерки за намалување на расходите на буџетските корисници се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва, вели вицепремиерот за економски прашања. Битиќи појаснува, тие не се насочени кон УПОЗ, ниту се однесуваат кон некого лично. За документот што го објавија претставници на Синдикатот нагласи дека сега, во услови на криза, не треба да се калкулира.
Според УПОЗ, нејасно е како Владата носи препораки со кои се намалуваат права од колективни договори, без притоа да се консултираат и да бидат известени синдикатите. Претседателот Деаноски вели дека сè што Владата предложила со мерките е спротивно на закон.
И Синдикатот на културата реагира на мерките и препораките за намалување на расходите. Ја повикаа министерката да каже дали ќе ги спроведе мерките и дали тоа би значело намалување на платите во време на висока инфлација и криза.
Се огласија и од ССМ. Ниту еден колективен договор не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации. Доколку тоа се случи, репрезентативниот синдикат најавува дека ќе ги информира европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот и Европскиот совет.
Ана Ј. Тодоровска
