Охрид: Храна ќе има, но по далеку повисоки цени
На светско ниво и во нашата земја ќе има доволно храна, но цената ќе биде далеку повисока од сегашната, велат експертите коишто учествуваат на Меѓународниот симпозиум за земјоделство и храна во Охрид. Според нив и овојпат најпогодени ќе бидат најсиромашните слоеви граѓани...

Храна ќе има, но прашање по која цена, велат експертите коишто учествуваат на Меѓународниот симпозиум за храна и земјоделство во Охрид. Нашата земја постојано се соочува со недостиг на храна од сопствено производство поради што сме принудени да увезуваме. Поради тоа многу е важно да го зголемиме производството на храна, со што ќе се амортизираат поскапувањата на светските пазари. Сличен став имаат експертите од регионот.
„Ние имаме голем број на земјоделци регистрирани во нашите регистри, меѓутоа верувајте ми многу возрасни. Ние немаме млада генерација на фармери, ние сме ги запоставиле. Дури сега има некакви пристојни услови за да станеш млад фармер“, рече проф. д-р Ордан Чакулиев-Земјоделски факултет Скопје.
„Ние веќе се соочуваме со глад, но не сакаме да признаеме. Некои семејства во Босна и Македонија што имаат по две или три деца тешко преживуваат поради високите цени на храната предизвикани од енергетската криза. Мора да имаме сопствено производство на храна, а политичарите да сфатат дека земјоделството не е трошок туку инвестиција за иднината“, изјави проф. д-р Мухамед Брка, декан на Земјоделскиот факултет Сараево.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најавија нов модел на субвенционирање по европски терк, со што ќе се поттикне земјоделското производство.
„Голем дел од субвенцијата ќе биде врзан со докажување на производството, со мотивирање да остварат зголемен принос, да користат сертифицирано семе и да го предадат производството кај регистрирани откупувачи, регистрирани трговци, регистрирани преработувачи, што значи сите ги ставаме во еден систем, ја елиминираме сивата економија и готовинското плаќање“, изјави министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Со новиот модел ќе се елиминираат нерегуларностите како што беа оние со земање на земјиште само за да се добијат субвенции или да се произведуваат земјоделски производи за коишто се добиваат поголеми субвенции, а притоа производството воопшто да не се прикажува.
Сашо Нелоски
