Грковска: На светот му се потребни упорноста и трпението со коишто жените им пристапуваат на проблемите
Генералното собрание на ОН, оваа година прогласи Меѓународен ден на жените во дипломатијата...

„На светот му се потребни упорноста, трпението, разбирањето и љубовта, преку коишто жените им пристапуваат на проблемите и ги носат одлуките. Токму затоа Генералното собрание на ОН, оваа година прогласи Меѓународен ден на жените во дипломатијата, бидејќи е неопходен ваквиот пристап кон решавање на проблемите имајќи го предвид актуелниот глобален политички и безбедносен контекст во светот“, порача на отворањето на втората меѓународна конференција, „Жените во надворешната политика“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Таа потсети на визионерството на покојната Илинка Митрева, првата и досега единствената министерка за надворешни работи, која со својот пристап и умешност ја водеше македонската дипломатија, во периодот кога нашата држава се соочуваше со меѓуетнички конфликт и која успеа на вистински начин, во овие тешки времиња да ја промовира нашата држава.
„Успешните приказни на жените дипломатки може да бидат инспирација на новите генерации девојчиња и девојки, кои се гледаат себеси на лидерските и дипломатските позиции, а треба да се свесни и за вредностите и потенцијалите што можат да му ги дадат на светот. Кога зборуваме за еднаквото учество на жените во дипломатијата, мора да имаме предвид дека потреба за родова еднаквост има секаде. Еднаквоста меѓу жените и мажите е важен показател дали и до кој степен едно општество е праведно. Праведното општество е предуслов за мирот во државите и светот и затоа ова прашање не е „женско“, туку ги засега подеднакво жените и мажите“, порача вицепремиерката Грковска и нагласи дека квотите се важни за да има еднакви можности во сите области на функционирањето и живеењето.
