Нови руски напади, гранатиран и Запорожје
Руски напади врз цивилни цели. Шефот на меѓународната агенција за атомска енергија вели дека не гледа напредок во разговорите околу нуклеарката...

Нови смртоносни напади на Русија врз цивилни цели во Украина. Погодена петкатна зграда во Николаев. Гранатиран и јужниот град Запорожје. Шефот на меѓународната агенција за атомска енергија вели дека не гледа напредок во разговорите околу нуклеарката, но дека останува итна потребата од заштитна зона околу неа. Верува оти Москва сака да обезбеди заштита, но не спомена дека Путин е подготвен да разговара за зона на демилитаризација.
„Оваа нуклеарна централа не може да биде воена цел на кој било начин. Таа е украинска, и е под окупација со месеци. Не можеме да признаеме анексии, тоа ги надминува нуклеарните прашања, тоа е прашање што е поврзано со повелбата на ООН и меѓународниот закон, многу јасно и директно му го кажав тоа на Путин“, изјави Рафаел гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Запорожје е една од главните цели на руските ракети во последните денови. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање и загрозување на безбедноста на објектот. Во меѓувреме, Москва најави дека ќе ги евакуира нејзините сили од окупираниот Херсон, по контраофанзивата на Украина за повторно заземање на јужниот регион.
