Руско - украински конфликт

Нови руски напади врз цивилни цели во Украина

14.10.2022 12:23

Нови смртоносни напади на Русија врз цивилни цели во Украина. Погодена петкатна зграда во Николаев. Гранатиран и јужниот град Запорожје. Останува итна потребата од заштитна зона околу нуклеарната централа...

Нови смртоносни напади на Русија врз цивилни цели во Украина. Повторно гранатиран јужниот град Запорожје. Шефот на меѓународната агенција за атомска енергија вели оти гледа напредок во разговорите околу нуклеарката, но дека останува итната потреба од заштитна зона околу неа. Верува оти Москва сака да обезбеди заштита, но не спомена дека Путин е подготвен да разговара за зона на демилитаризација.

„Оваа нуклеарна централа не може да биде воена цел на кој било начин. Таа е украинска, и е под окупација со месеци. Не можеме да признаеме анексии, тоа ги надминува нуклеарните прашања, тоа е прашање што е поврзано со повелбата на ООН и меѓународниот закон, многу јасно и директно му го кажав тоа на Путин“, изјави директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.

Запорожје е една од главните цели на руските ракети во последните денови. Москва почна евакуација на нејзините сили и населението од окупираниот Херсон, по контраофанзивата на Украина за повторно заземање на јужниот регион. Украинскиот претседател Зеленски на својот народ му вети победа против руската инвазија.

„Се чини дека сегашниот непријател во своето зло ги спојува сите непријатели на нашата државност со кои се соочувавме претходно. И со поразување на овој непријател, ние ќе одговориме на сите непријатели кои посегнаа по Украина – на оние кои живееја, кои живеат и кои ќе живеат на нашата земја. Ова ќе биде победа за целиот наш народ“, изјави украинскиот претседателВолодимир Зеленски.

Руските власти, пак, соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила ракети во регионот Белгород по нападот на вооружените сили на Украина. Во Москва продолжува мобилизацијата на резервисти. Во соседна Белорусија, армијата на готовс. Земјата воведе режим на контратерористички и операции. И додека фронтот се разгорува, рускиот претседател Путин од Самитот во Астана повика на „добра волја“ за решавање на глобалните конфликти, не споменувајќи ја војната во Украина.

„Ги поздравуваме напорите за посредување на било кој, сè додека тие одат во корист на смирување на ситуацијата, во корист на сите учесници во конфликтите. Ова важи и за посредувањето на партнерите од каде било, и од сад и од Европа. Секој има добра волја и ние треба максимално да ја искористиме оваа добра волја во решавањето на какви било конфликти. Мораме да се стремиме да најдеме начини за излез од сегашната ситуација, каде и да се појави“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Откако ја почна својата инвазија на Украина во февруари, Кремљ ги прекина дипломатските односи со Киев и неговите западни сојузници. Претходно месецов, украинскиот претседател Зеленски потпиша декрет со кој формално ги отфрла потенцијалните преговори со Путин, како одговор на најавата за анексија на четири региони во Украина.

Бојана Крстевски