Одложено второто рочиште за модуларната болница
Повторно одложено судењето за пожарот во модуларната ковид болницата во Тетово. Овојпат во судница се појавија тројцата обвинети. Двајца од нив немале адвокати. Ново рочиште на 8-ми ноември...

Свои адвокати немаа ангажирано раководното лице на модуларната болница Артан Етеми, кој се товари за кривично дело тешки дела против општата сигурност и доктор Бобан Вучевски, за делото непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Образложија дека за судењето дознале од медиумите и немале информации, оти имаат право на адвокат.
Судијата Јордан Велков посочи дека во самата покана, им пишува оти имаат право на адвокат.
„Секое одлагање е поврзано со трошоци и сето ова е неосновано. Ако не ангажирате адвокат нареден пат нема да ви смета како некој пропуст туку како одложување на постапката. Ако не ангажирате адвокати ќе ви дадеме адвокати по службена должност. Да ни доставите полномошно во рок од 8 дена за ангажирање на адвокат“, истакна судијата Велков
Поранешниот директор на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими, кој се товари за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, пред медиумите рече дека поседува неспорни докази со кои ќе ја докаже неговата невиност. Ги повика медиумите да го следат процесот до крај.
Обвинение има и за правното лице Клиничка Болница - Тетово, за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Инаку обвинителството во октомври минатата година го објави извештајот на ОКТИВ при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска.
Зоран Димовски
