Поднесен управен приговор до општина Струга за исклучувањето на јавното осветлување
Граѓани на Струга поднесоа Управен приговор до општината за исклучувањето на јавното осветлување. Бараат да се намалат сметките на граѓаните, кои плаќаат ваква комунална такса. Градоначалникот Мерко, вели не се исклучува целото осветлување...

Општина Струга „заработи“ управен приговор од граѓаните заради исклучувањето на јавното осветлување во градот и околината. Доколку има рестрикции и заштеда со исклучување на градските светла, мора да се намалат и сметките на граѓаните, кои плаќаат ваква комунална такса, велат правниците и бараат Советот на општина Струга итно да расправа по приговорот.
Градоначалникот Рамис Мерко, вели не се исклучува целосно осветлувањето, но во енергетската криза мора да се преземаат мерки за штедење.
„Што сега после 12 саатот полноќ да свети. Никој не шета, зошто да не намалиме одредени светлечки места за да можеме да заштедиме, извесна количина на потрошувачка на електрична енергија“, вели градоначалник на општина Струга, Рамиз Мерко
Поставени се тајмери на јавното осветлување за негово исклучување, а со тоа се спречуваат и многуте кражби на електрична енергија, кои биле детектирани на територијата на општината.
„Тука се и дивите приклучоци ете отворено ќе речам кражбите на струја за што имаме такви жители и граѓани, наши сограѓани кои навистина го злоупотребуваат уличното осветлување. Дали внатре во домовите или во парковите и дворовите. Со ова исклучување и тие ќе бидат исклучени“, вели Мерко.
Општината просечно трошела до два милиони денари месечно струја, а само за август годинава добиле фактура од 10 милиони денари, што е петкратно повеќе.
Соња Рилковска
