Земјава мора да продолжи подобро да работи на европската агенда, порачаа шефовите на државата и Владата
Неопходен е државен консензус за уставните измени, без брзање и без отворање нови рани во ткивото на македонската нација, порача шефот на државата Пендаровски. Премиерот Ковачевски со став, не може политичка агенда да е кочница за евроинтеграцијата. На дебатата за евроинтегративниот пат, заклучено дека има уште многу работи коишто треба да се поправат...

По последниот извештај за напредокот, престои работа за подобрување на реформите коишто со почнувањето на преговорите повнимателно се следат и оценуваат. Земјава мора да продолжи подобро да работи на европската агенда со поддршка од сите во општеството, порачаа шефовите на државата и Владата, Пендаровски и Ковачевски на дебата за европскиот пат во Скопје.
„Апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во центарот на политичкиот дискурс и практика. Така ќе ги оствариме и виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, заеднички да посведочиме на силен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите“, изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Ги повикувам сите во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава, затоа што ние што сме во пратеничките клупи, во канцелариите во Владата зависи колку брзо ќе се спроведат реформите. Јас сум убеден дека до 2030-та година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45% од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство“, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Шефот на дипломатијата како координатор за Кластерот 6 за надворешна политика со став – иако имаме најдобра оценка за усогласување со европската надворешна и одбранбена политика, мора да продолжиме во таа насока.
Амбасадорите на актуелниот и наредниот претседавач со ЕУ, Чешка и Шведска порачаа дека ќе продолжи нивната поддршка во процесот на преговорите.
На првата, од серијата широки дебати за евроинтегративниот пат, заклучено дека има уште многу работи коишто треба да се поправат, дека не е доволно само да се носат закони туку и да се применуваат, особено во делот на владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и реформа на јавната администрација.
Ирина Гелевска
