Охрид

Потребно е збогатување на содржините на македонската Википедија

14.10.2022 16:38

Во Охрид се одржува тридневна конференција на над сто википедијанци од дваесет и пет држави од централна и источна Европа, кои работат на подобрување на виртуелната енциклопедија. Тоа е одлична можност учесниците да се запознаат со нашата земја,нејзината историја, култура и природните убавини и тоа да го пренесат во нивните национални Википедии...

Повеќе професори, новинари, уметници, но и други лица треба волонтерски да се ангажираат за пишување на статии за Википедија на македонски јазик со цел да имаме поголем број посети и луѓето во светот подобро да се запознаат со нашата земја, јазикот, историјата, културата и убавините коишто ги поседуваме. Ова на отворањето на 11. Конференција на википедијанците од Централна и Источна Европа го рече Претседателката на ГЛАМ Македонија, Снежана Штркоска која посочи дека е голем предизвикот да се мотивираат википедијанците од другите земји да пишуваат за нас.

„Бидејќи Википедија ја пишуваат во цел свет,ја пишуваат волонтери, значи не се луѓе коишто се платени и не можеме да ги натераме да пишуваат на одредена тема, освен кога има наградни уредувања, ги викаме. Некогаш се за една недела или за месец дена. Странците прават за нас, ние правиме за странство и на тој начин и Македонија влегува со сигурни информации на другите јазични Википедии“, рече Снежана Штркоска, претседател на ГЛАМ Македонија.

„Ова е повод луѓето да се повикаат повеќе да работат на Википедија, заедно едни за други. Да пишуваат за историјата, културата, природните богатства, значајните личности и слично“, рече Ивана Меџиревиќ, Википедија Србија.

На светската Википедија се застапени околу 3.000 јазици и поради тоа е многу важно македонските интелектуалци да пишуваат на Википедија на македонски јазик,бидејќи со еден клик во текот на денот еден милион корисници во светот ќе се запознаат со нашата земја.

„Јас кога пред две години напишав прв текст на Википедија, прва статија, ми отворија профил бидејќи долго време ја користев Википедија и многу сакав да напишам некој текст и секогаш тоа ми беше некој предизвик се почувствував како првиот текст во 1985 година, кога во Македонската телевизија го направив или пред тоа како млад новинар. Значи навистина е убаво да се пишуваат на македонски јазик и да се збогатува македонската Википедија“, рече Татјана Гогоска, Википедија на македонски јазик.

Една од причините за одржувањето на конференцијата во Охрид беше википедијанците од Европа подобро да ги запознаат Охрид и нашата земја и да пишуваат за нив на нивните национални Википедии, што ќе придонесе за наша поголема афирмација во светот.

Сашо Нелоски