Несреќа во Бугарија

Доставено новото вештачење за несреќата во Бугарија

14.10.2022 16:58

Дополнителната истрага за автобуската несреќа во Бугарија укажува на повеќе неправилности. Адвокатот Димитров за јавниот сервис вели дека немало соодветни светлосни ознаки на делницата. Судењето за обвинетиот сопственик на „Беса Транс“ е презакажано на 15-ти ноември...

Редица неправилности во патната инфраструктура ги утврдило вештачењето спроведено како дополнителна истрага за да се дојде до вистината зошто загинаа 45 луѓе во автобуската несреќа во Бугарија. Адвокатот Николај Димитров којшто ги застапува семејствата, во изјава за МТВ вели дека на патот недостигале светлосно-рефлектирачки ознаки со што возач на оваа делница нема квалитетна ориентација.

„Вештакот кој ја изработи експертизата утврди редица неправилности во патната инфраструктура. Нема поставени светлосни мачешки очи, нема соодветно означување – тоа довело до загуба на ориентацијата. Со други зборови, кога човек вози по оваа делница тој губи претстава за самото движење. Исто така, недостигаат светлосни уреди – пред и зад местото каде што се случила катастрофата, недостигаат и најважните сообраќајни знаци“, изјави Николај Димитров, адвокат.

Адвокатот потврдува дека поднесените тужби ќе се разгледуваат в понеделник во судот во Перник. Вели дека повторената истрага треба да ја лоцира одговорноста, што според него води кон службениците во Агенцијата за патна инфраструктура.

Истовремено во Кривичниот суд е закажано рочиште против сопственикот на Беса Транс, Беким Хаџиу – обвинет за фалсификувањето на лиценцата за превоз на автобусот што изгоре во Бугарија.

Денешното прво рочиште се одложи поради налогот на судот којшто му наложи на обвинетиот Хаџиу да ополномошти вработен во фирмата за да го застапува правното лице на наредното судење закажано на 15-ти ноември.

Анита Димитријевска Велковска