Култура

Во Белград незаборавен концерт на македонската филхармонија

15.10.2022 10:17

Филхармонијата на Северна Македонија под диригентство на Габриел Бебешелеа и ѕвездата на вечерта, пијанистот Дино Имери, после долги години во Србија, настапија во Коларац во Белград...

Филхармонијата на Северна Македонија под диригентство на Габриел Бебешелеа и ѕвездата на вечерта, пијанистот Дино Имери, после долги години во Србија, настапија во Коларац во Белград, пред преполна сала и имаа незаборавен концерт.

„Ова е историски миг и за филхармонијата и за македонската култура. Настапуваме со најдобриот македонски пијанист, Дино Имери кој ќе го изведе концертот за клавир и оркестар од Чајковски, потоа ја изведуваме и најпознатата симфонија на сите времиња-Патетична од Чајковски и македонското дело Пијан Танец-Пајдушко од Сони Петровски под диригентската палка на Габриел Бебешелеа кој две години беше шеф диригент на Македонската филхармонија“, изјави Тина Иванова, директор на Филхармонијата.

Вчерашниот концерт во Белград е мошне значаен за македонската култура и за соработката меѓу Македонската и Белградската филхармонија, изјави „волшебникот на пијаното“, како што го најавија белградските медиуми, Дино Имери.

„Соработката со нашата филхармонија секогаш ми претставува задоволство бидејќи тие се врвни професионалци и уметници. За прв пат настапувам со маестро Габриел Бебешелеа, што е исто големо задоволство. Мислам дека достојно и соодветно ќе ја прикажеме нашата култура во Србија и мислам дека публиката вечерва ќе ужива, онолку колку што ние ќе уживаме во изведбата“, изјави пијанистот, Дино Имери.

Со незаборавниот концерт во Коларац, публиката во Белград со повеќекратни и големи аплаузи уживаше и го покажа своето задоволство од маестралниот настап на Дино Имери и Македонската Филхармонија под диригентство на Габриел Бебешелеа, со Чајковски, со Патетична и Пијан Танец-Пајдушко.

Концертот беше организиран во соработка со Белградската филхармонија во рамките на регионалната соработка Отворен Балкан, како прва размена во областа на симфониската музика, а од Македонската филхармонија најавија задоволство од идната плодна соработка со белградската филхармонија.

Оливер Бранковиќ