Македонија

Медот на Балканот: Дали најслатката работа на светот наскоро ќе исчезне?

16.10.2022 13:29

Балканот без мед? Незамисливо. Но, пчеларите во Северна Македонија се вознемирени. Климатските промени веќе имаат големо влијание врз нивното производство, Медот наскоро може да биде луксузен производ на Балканот. Но, загубата на пчелите би имала драстични последици врз синџирот на исхрана.

Александар и Зоран Маринковиќ го собираат медот. Браќата водат успешен бизнис, но се загрижени за иднината. Климатските промени нанесуваат голем удар врз пазарот. Промената на временските услови и растот на температурите ја нарушуваат рамнотежата на природата. Резултат – пчелите произведуваат помалку мед.

„Порано, кога имавме 200 до 300 пчелни семејства, нашето производство беше 4 до 5 тони мед. Сега, оваа година, кога моментално имаме околу 1.000 пчелни семејства, приносот е речиси ист или производството“, вели Зоран Маринковиќ – пчелар.

„За да го намалиме нашиот ризик од загуба, апелирам до сите пчелари да посеат што повеќе медоносни растенија и медоносни дрвја“, додава Александар Маринковиќ – пчелар.

Не е само медот тој што наскоро може да стане реткост на локалните пазари. Одгледувањето овошје и зеленчук е директно поврзано со здравјето на пчелите. Фармерите забележале видливи промени во пчелните кошници и се загрижени

„Ги нема пчелите во сандаците, празни се сандаците, можеби и болест имаат и другите се жалат“, вели Божана Костовска, продавачка.

Медот во иднина може да биде луксуз, вели Венче Билбиловски, претседател на пчеларското здружение „Матица“. Земјоделците сè уште користат премногу пестициди, а општиот недостаток на знаење ги зголемува проблемите предизвикани од климатските промени. Клучно решение е образованието. Но, ќе треба да се преземат и други мерки.

„Единствено може пчелите да се преселуваат на повисоките места, каде што температурите ќе бидат пониски и се надеваме дека ако пчелата со милиони години опстоила на овие простори и во светот дека нема да се случи да дојде до намалување на производството“, смета Венче Билбиловски, претседател на пчеларското здружение „Матица“.

Опстанокот на пчелите е важен за нашиот еко-систем. Затоа младите пчелари Александар и Зоран прават сè што е во нивна моќ за да ги заштитат своите пчели.

Викторија Милевска/ DW- Balkan Booster