Енергетска криза

Почна грејната сезона во Скопје

15.10.2022 12:57

Грејната сезона почна, скопјани се разбудија покрај топли радијатори. Но, поради надворешните температури и новите критериуми за ограничена топлина греењето на домовите не траеше долго. Надлежните уверуваат дека граѓаните ќе имаат топлинска енергија до крајот на сезонава. Ќе има и струја во континуитет од домашните капацитети-вели министерот Бектеши…

Во 05:50 часот беа пуштени топланите на температура од 9 степени Целзиусови. Работеа до 09:15 часот кога се постигна надворешна температура од 12 степени, при што биле испорачани 997 мегават часови топлинска енергија. Министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски во посета на топланата Исток. Поголемиот дел од граѓаните утрово почувствувале топлина од радијаторите.

Ковачевски апелираше сите станбени згради периодов да се адаптираат и проблемите да се решат, зашто температурите ќе паѓаат и ќе треба да се испорача топлина. Ако нема гас или Те-То не работи, топланите ќе работат на дизел.

Во време на енергетска криза, во функција се ставени и блокот 1 и блокот 2 во Битола, термоелектраната во Осломеј која ќе работи еден краток период, а потоа ќе има мал застој за да може да се направат сервисни интервенции и од почетокот на ноември да биде во функција до крајот на грејната сезона.

ТЕЦ Неготино во моментот работи со двата котли, со максимален капацитет од 180 мегавати снага испорачува во системот и дневна испорака имаме од околу 1.000 тони мазут кој овозможува непрекинато работење на ТЕЦ Неготино, вели Ковачевски.

Јаглен на располагање моментално има над 200.000 тони на депонијата во РЕК Битола и околу 50.000 тони на депонијата во РЕК Осломеј. Мазут има околу 15.000 тони во складиштата во ТЕЦ Неготино и хидропотенцијалот е на околу 30 отсто.

Катерина Топалова