Ковачевски: Отворањето на клубови со имиња на личности кои будат негативни чувства, негативно влијаат и на односите со соседите
Министерството за правда ќе подготвува нов закон, имаме либерално законодавство во делот на организирање невладини организации и здруженија-вели премиерот Ковачевски по реакциите на Комисијата за дискриминација клубот „Ванчо Михајлов“ да отстрани сè што ги навредува и дискриминира Македонците…

Отворањето на клубови со имиња на личности кои будат негативни чувства кај граѓаните, негативно влијаат и на подобрувањето на односите со соседните држави – коментира премиерот Ковачевски, по извештајот на Комисијата за спречување дискриминација во однос на клубот „Ванчо Михајлов“ отворен во Битола.
Покрај Министерството за правда, и група пратеници подготвија измени во Законот за здруженија на граѓани, па премиерот со повик до пратениците од владејачката коалиција активно да учествуваат во расправата.
Премиерот Ковачевски вели оти роковите дадени од Комисијата за дискриминација мора да се почитуваат. Потенцира дека концептот за кој тој се залага е Македонија во Европа со зачуван јазик, идентитет и културни особености, наспроти оние кои се за државата да не биде дел од Европската унија.
Спротивно на кажувањата на премиерот, во опозициската ВМРО-ДПМНЕ констатираат дека извештајот на Европската комисија покажува дека реформите не се спроведуваат и нема реализација во клучните области.
Нереализирањето на клучните реформи, вели опозицијата, не е нивна вина, притоа посочувајќи оти извештајот нотирал слаби резултати во реформите на јавната администрација, безбедносните служби, но и подобрување на процедурите за елиминирање на непотизмот и клиентелизмот.
Миле Ристески
