Централниот совет на ДУИ избра ново претседателство
Без поголема дебата и за само еден час заврши состанокот на Централниот совет на ДУИ во Тетово. Ахмети се чини успеа да ги смири страстите. Избрано е ново претседателство, а припадниците на таканаречената „Огнена група“ влегоа во високите партиски тела. Според првиот интегративец, во ДУИ нема незадоволство, туку дијалог и менаџирање…

Без поголема дебата, највисокото партиско тело на ДУИ, Централниот совет го избра централното претседателство. Партискиот портпарол Османи, истакна дека се работи за избор кој е демократски и инклузивен по однос на регионална, полова и генерациска поставеност. Едногласната поддршка на новите луѓе на партиски тела е резултат на претходните дебати кои ги имаше во ДУИ, дополни Османи.
Меѓу првите функции на централното претседателство се најдоа Блерим Беџети и Изет Меџити, дел од „огнената група“. Османи посочи дека демократски е да се има различни мислења. Но, целта на спротивставените ставови на партиските функционери не била да ги штитат сопствените интереси, туку интересите на одредена населба, град или регион во државата.
Инаку пред почетокот на седницата, куса изјава даде Али Ахмети, кој истакна дека во партијата нема незадоволство, туку дијалог.
На состанокот беше избран и надзорен одбор на централното претседателство, кое во нов состав треба да заседава наредниот месец.
Зоран Димовски
