Охрид

Дивоградбите најголем проблем во заштитените подрачја

15.10.2022 17:22

„Охрид не смее и нема да го изгуби статусот од УНЕСКО, но не треба да се чека и мора да се преземаат мерки. Државата има сериозен проблем со дивоградбите во заштитените подрачја“, ова се клучните пораки коишто беа испратени од шестиот конгрес на еколозите…

Имаме прогрес кој можеби е незадоволителен, иако еколошките друштва посветено работат на заштитата на биолошката разновидност и природните вредности на целата територија на државата. Ова беше речено на шестиот конгрес на еколозите со меѓународно учество при што беше посочено дека државата отсекогаш била свесна за значењето на Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО и постулатите кои се поставени на мапата како светско природно и културно наследство. Тој статус не смее да се изгуби и затоа не треба да се чека, туку да се преземат соодветни мерки, особено кога станува збор за дивоградбите во заштитените подрачја.

„Тоа не личи на една држава како што е Македонија, која се наоѓа на европски континент да имаме 100-тици нелегални објекти изградени во многу важни зони, да речеме како што спомнавте во Националниот парк „Галичица“. Навистина тоа се проблеми кои за мене се неразбирливи и се наталожиле низ годините и се надевам дека кога-тогаш ќе се решат. Едноставно мораме да ги решиме тие работи“, изјави Славчо Христоски- претседател на Македонското еколошко друштво.

За одбележување е тоа што во изминатите три години еколозите придонесоа за 5 проценти да се зголеми територијата под заштита во нашата земја.

„Соработувавме со сите субјекти и тела за управување со заштитените подрачја во земјава. Особено сме горди за прогресот што нашата држава го постигна последниве години, така што во моментот мрежата на заштитени подрачја во земјава изнесува 13 проценти“, рече Робертина Брајаноска- извршен директор на Македонското еколошко друштво.

На шестиот конгрес на еколозите учество зедоа околу 200 истражувачи од земјава и странство, а ќе биде одбележана и 50-годишнината од формирањето на Македонското еколошко друштво.

Сашо Нелоски