Се почесто се користат поволностите за отварање сопствен бизнис

24.04.2014 10:24

Младите од државава се почесто ги користат поволностите за отворање сопствен бизнис. Ако има и некоја поддршка од семејството, уште посигурно е дека ќе прераснат во претприемачи со сигурна иднина...

Случај за пример. Виктор Димитров, наместо надвор од државата лебот си го вади во родната Виница.

„Никогаш не сум имал желба да одам во странство. Цело време барам начин да се работам и да заработувам овде“, вели Виктор Димитров.

Желбата за дома и талентот наследен од татко му, тој ги споил во едно и во гаража почнал да изработува мебел. Во некогашноот хоби ја пронашол својата идна професија, па се одлучил да отвори своја работилница.

„Одлучив да си ја пробам среќата со кредитити за самовработување. Отворив работилница, набавив машини, се преселив во поголем простор“, додава Димитров.

Сепак колку од ова може да се живее?

„Нормална заработувачка да. Сега сме на почеток, за нешто повеќе се надевам во иднина“, истакнува младиот претприемач од Виница.

Голем број роднини и пријатели на Виктор, веќе со години се во Италија, Словенија и Германија и место и работа таму обезбедиле и за него. Но, тој е еден од ретките кој не успеале да го убедат.

„Мислам дека секој којшто има желба, може да се потруди и да си остане во Македонија, зашто сепак дома си е дома“, смета Виктор.

Доколку неговиот пример го следеа и другите млади од Виница, но и од останатите општини од регионот, сега ќе имаше многу повеќе млади и деца. Сепка, ова е редок случај кој можеби ќе послужи како пример и на останатите кои за странство се уште сонуваат.

 

Оливера Жежова