Урбанизам

Жители на Велес бараат парк наместо деветокатница

16.10.2022 10:33

Деталниот урбанистички план со кој се предвидува деветокатница на местото од стариот театар во Велес, за станарите од околината е неприфатливо. Тие со петиција реагираат и бараат таму да се гради детско игралиште или парк…

Со петиција дел од граѓаните во близина на зградата на стариот театар, бараат да не се дозволи изградба на деветокатница на таа локација. Бараат заштита на јавниот интерес и спречување на штетни последици, со евентуалната продажба на земјиштето за изградба на станбена зграда. Потенцираат дека со оваа градба ќе се наруши изгледот на стариот дел на градот.

Тие за ваквото решение на ДУП реагирале во есента 2020-та кога се донесувало, имале забелешки, кои во писмена форма ги поднеле до локалната власт, но истите не биле земени предвид.

Станарите укажуваат и за случајот со станбената зграда во близина на стариот театар, чии подруми во одреден дел од годината се полнат со подземна вода, која се претпоставува дека е од реката Вардар и доаѓа со нејзиното зголемување на нивото. Очекуваат дека исти такви подземни води ќе се јават и во темелите на зградата која се планира да се гради, со што ќе биде нарушена стабилноста.

Од локалната власт велат не е можна промена, бидејќи била запазена целокупната постапка при донесувањето на ДУП за овој дел на градот. При неговото донесување биле поминати сите етапи, веќе била донесен и одлука за рушење на зградата на стариот театар.

Петар Печков