Ромите повратници тешко се враќаат во системот
Ништо не е како родното место, но и градот каде што си го зел првиот здив знае да биде комплицирано место за живеење ако недостасуваат услови...

„Да учиш баба, да ја слушаш наставничката! Да бидеш мирна, да бидеш најдобра ученичка!“-штипјанецот Демир Ибов верува оти само образованието може да му помогне на неговото дете да има добра иднина. Затоа веднаш откако се вратил од Германија, ја запишал ќерка си во училиште. Ништо не е како родното место, но и градот каде што си го зел првиот здив знае да биде комплицирано место за живеење ако недостасуваат услови.
„Нешто што може да направам за моите деца да имаат добра иднина, да работам како што треба, и тоа да ме пријават на работа, не непријавен, значи да сум пријавен и да имам право на сè!“, вели Ибов.
Со слични маки се сите сожители на Ибов од ромското маало во Штип. Биле, работеле во европските земји и се вратиле, но овде тешко се снаоѓаат за да се вклопат во системот.
„Ми недостасува сè, работа, документи, сè, сè, сè. Јас имам пет деца, со едно социјално не можам да излезам на крај. Ако не работам и ако не донесам дрва што ќе јадеме? Нема што да јадеме!“, додава Субихан Назифов, повратник од Германија.
На повратниците, особено им пречи дискриминацијата.
„Проблемот е што училиштето, во „Гоце Делчев“ во Штип имаме ромска паралелка. Моите внучиња кога ќе научат македонски? Никогаш! Ги ставија 50 деца во едно училиште, само Роми“, вели Алаки Јашаров, повратник од Германија.
Директорот на основното општинско училиште „Гоце Делчев“, кое реонски треба да ги прими децата кои живеат во ромската населба, вели дека од година в година ова училиште ги губи учениците. Иако е реновирано и ги има сите услови за најмодерно реализирање на наставата, штипјани се повеќе го избегнуваат.
„Стереотипите се многу присутни во нашето општество, посебно кај нас, во нашето училиште. Голем дел од македонските родители не ги запишуваат своите деца заради тоа што имаме поголем број на ромски деца. И тоа го гледаат како причина да не ги запишат своите деца во нашето училиште под изговор дека тука има различни тепачки, дека условите се поинакви од другите училишта, што не е точно“, вели Зоран Митев – директор на ООУ „Гоце Делчев“-Штип.
Проблемите на Ромите повратници се многу, а градоначалникот Иван Јорданов знае за нив. Решение гледа во регионалниот проект на Европската Унија кој се реализира преку УНДП, а кој има за цел да и помогне на оваа група луѓе да ги надминат тешкотиите откако ќе се вратат во родниот град. Штип заедно со Прилеп и Шуто Оризари е дел од трите општини каде што се спроведува проектот кој освен кај нас, се реализира и во Србија и Албанија.
„Се изработува стратегијата и јас се надевам дека сето она коешто се имплементира и ќе се спроведе како проект ќе биде директно поврзано со нивно полесно приспособување како повратници во нашето општество и во нашиот град“, вели градоначалникот Јорданов.
Вработувањето е една од најголемите болки на повратниците, а проектот нуди мерка преку која ќе ги обучува за да бидат квалификувана работна сила.
„Целта на мерката е обезбедување на можности за учење на работното место, практикантство во локални компании, всушност да се зголеми вработливоста на повратниците од странство“, изјави Ана Донева, Агенција за вработување – Штип.
Опфатот на мерката според оперативниот план за 2022-ра е 210 невработени лица, а најголемиот фокус е на Ромите повратници.
Катерина Топалова
