Оптимизам за членство и критики за реформите
„Патот ќе биде тежок, но ние сме подготвени“, премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски уверен дека земјава до 2030-та година може да стане членка на Европската унија. Мицкоски критикува – извештајот на Брисел покажа дека реформите не се спроведуваат …

Договорот кој ќе го потпишеме со Фронтекс покажа дека имаме заштитен јазик, а во Европската унија до 2030-та ќе влеземе со заштитен идентитет и културни особености, изјави премиерот и лидер на Социјалдемократите, Димитар Ковачевски. Повтори дека преговорите за првата меѓувладина конференција се тешки, но додава дека на крај сè ќе се исплати кога државата ќе стане дел од големата маса во Брисел.
Извештајот на Европската комисија покажува назадување во 35 области и тоа е поразително – коментира лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Вели, власта има други приоритети пред влезот во Европската унија.
Власта и опозицијата покрај низата несогласувања, согласни само во тоа дека бугарските клубови во земјава предизвикуваат револт кај граѓаните, па затоа едните поднесоа, а другите подготвуваат законски решенија со поригорозни мерки за отворање на граѓански здруженија со провокативни имиња.
Миле Ристески
