Македонија

15 години од згаснувањето на најголемата ѕвезда на македонското музичко небо

16.10.2022 17:26

Сеќавање, болка, тага. Изминаа 15 години од згаснувањето на најголемата ѕвезда на македонското музичко небо, Тоше Проески, кој животот го загуби во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка. Маратонците пристигнаа на Гумење. Беа пречекани со рози …

Ги пренесуваме пораките од Балканот. И ние го сакаме Тоше и ќе трчаме сè додека можеме, во негова чест, рекоа македонските спортисти кои по 15-ти пат го истрча „Маратонот на љубовта“, од Нова Градишка каде Тоше Проески пред 15 години го загуби животот во сообраќајната несреќа, па до Гумење во Крушево, на неговото вечно почивалиште.

500 рози на крушевчани за пречек на маратонците, за сеќавање на Тоше. Неговите почитувачи и фанови од земјава и Балканот непоколебливо на Гумење и овој 16-ти октомври.

„Сите го паметиме овој датум пред 15 години. И ден денес е исто и го ценам секого кој зборува за Тоше, кој пишува за него, ги имитира неговите песни, кој се труди никогаш да не се заборави. И додека е така, покажувате дека е жив“, вели Стела Прислан Фујс од Загреб, Хрватска.

„Првпат доаѓаме, од Благоевград од Бугарија сме. За Тоше знаеме сите овие години и за неговите песни. Се слушаат“, додава Маријана Пешева, од Благоевград, Бугарија.

Песните на Тоше испеани од крушевските гимназијалци ги допреа срцата на сите и овој сончев октомвриски ден.

Елизабета Митреска