Меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“
Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски и е поддржана со програмата за 2022-та година на Министерството за култура на Република Северна Македонија...

На 20-ти октомври во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 19:45 часот, ќе се одржи централниот настан од годинешното, петто по ред јубилејно издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски и е поддржана со програмата за 2022-та година на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
По поздравното обраќање до присутните на директорката на Музејот, г-ѓа Даниела Николова, ќе следи претставување на најуспешните наслови пристигнати на Конкурсот за необјавена збирка поезија на македонски јазик, за кои на авторите ќе им бидат врачени традиционалните поетски награди кои ги доделува организацискиот одбор на Манифестацијата. Годинешен лауреат на престижната книжевна награда „Антево перо“ е поетесата Јулијана Младеновска Тешија за збирката песни под наслов „Куќа“. Наградите „Антев златник“ ќе им бидат врачени на авторите Виолета Танчева Златева за стихозбирката „Глуво време“ и на Славица Гаџова Свидерска за стихозбирката „Golgotha Feminarum. Наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик и припадна и ќе и биде врачена на поетесата Рената Пенчова.
Во продолжение на вечерта, ќе следи и поетско читање на кое со дел од своите најнови поетски творби ќе се претстават наградените автори, но и поети, чиишто дела беа селектирани во потесниот, односно поширокиот избор на поетскиот натпревар за наградите, на којшто учествуваа 76 творци.
Дополнително, дел од содржините со кои ќе биде заокружена годинешната Меѓународна поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ е планирано да се одржат и на други локации и во други средини, за што јавноста ќе биде навремено информирана, соопштуваат од организацискиот одбор на Манифестацијата.
