Руско - украински конфликт

Нови експлозии во Киев, напад со дронови

17.10.2022 12:21

Киев повторно цел на руски напади, овој пат со беспилотни летала - камикази. Украинските воздухопловни сили со контра удар-ракетирани 30 руски цели. НАТО, де факто е вклучен во конфликтот во Украина, обвини Кремљ...

Неколку експлозии се слушнале во Киев, откако се огласиле сирените за воздушен напад. Според првичните информации биле предизвикани од беспилотни летала, камикази. Градоначалникот на Киев, Кличко изјави дека избувнал пожар во нестанбена зграда. Ги повика граѓаните да останат во засолништата. Претседателот Зеленски рече дека тешки борби се водат на линијата на фронтот.

„Окупаторите фрлија сè што можеа против нашите сили, вклучително и 2.000 „Затвореници“ – тие се меѓу платениците осудени на долги казни за тешки кривични дела. На фронтот ги држат не само со пари туку и со ветување за амнестија. Еве како руската држава спонзорира терор – бара убијци во затворите и им ветува слобода ако убијат повторно“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Нападот се случи една недела откако неколку руски проектили го погодија главниот град за време на масовниот руски напад во кој загинаа 19 луѓе. Има информации дека во нападите бил оштетен и регионот Дњепропетровск, каде бил погоден објект на енергетска инфраструктура и избувнал голем пожар.

Претседателот Зеленски најави рестрикции на струјата. Ги повика граѓаните да го ограничат користењето од 17 до 23 часот.

Украинската компанија за атомска енергија „Енергоатом“, соопшти дека нуклеарната централа Запорожје е исклучена од електродистрибутивната мрежа на Украина по руското гранатирање.

Во меѓувреме, продолжува украинскиот отпор и покрај руските напади.

„Украина победува во војната. Погледнете што се случува сега, Русија пред неколку недели рече дека анектира територии и во моментов Украина веќе ослободува значајно големи области од тоа“, вели жител на Киев.

„Сите луѓе знаат дека нашата земја е непобедлива, нашиот народ е силен, дефинитивно ќе победиме, само треба малку време.“

„Ова не прави посилни. Јас имам проблеми со срцето и главоболки, а сите ме прашуваат: како продолжуваш? - станувам посилна со што се случува. Со сила и верба. “

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков НАТО изјави дека НАТО де-факто се вклучило во конфликтот во Украина. Призна дека тоа значително и отежнува на Русија да ја спроведе својата операција, иако тоа не ги менува целите.

Марина Ристова